Честитка по повод 1 Мај – Денот на Трудот

Почитувани вработени во Министерството за внатрешни работи,

Освен демократските вредности, слободата и граѓанските права, веќе десетици години наназад и трудот на работникот континуирано се обезвреднува, достоинството се погазува, социјалниот дијалог речиси и да не постои, а формите на синдикално организирање политички се инструментализирани од страна на власта, за на крајот сето тоа да резултира во поткопување и на социјалните темели на државата.

„Дозволете ни да Ви го честитаме Меѓународниот ден на трудот 1 Мај на сите работници во Полицијата кои со својот труд, ангажман, лична заложба и сила обезбедуваат егзистенција за себе и за своите семејства, на сите работни луѓе кои со своите раце креираат додадена вредност за себе и за нашата држава“.

„Без работникот нема економија. Затоа работникот треба да биде почитуван, вреднуван. Но тоа сега не е така. Полицискиот службеник во МВР е потиштен, тој трпи неправди, притисоци, закани. Неговиот труд најчесто не е платен, а маката и неправдите стануваат се поголеми. Нема ништо од тоа што ветуваа многумина, а ветуваа многу. Оваа состојба мора да се смени. Мора да се избориме за подобри услови во Полицијата, за поголеми плати, исправување на неправди, професионалецот да биде на прво место. Затоа промените почнуваат од нас самите. Да бидеме промената која што сакаме да ја видиме во Полицијата.
Да се спротивставиме на сите неправди во Полицијата и да се избориме за подобро утре, подобри услови за работа и подобар живот.
Достоинствено да се избориме за она што ни следува.
Полицискиот службеник во Министерството за внатрешни работи МОРА да биде „вреднуван како што му прилега и како што заслужува“

Дозволете на овој ден – празник на трудот да ги известиме вработените во МВР и целата Македонска јавност дека во МВР веќе е регистриран и отпочна со работа нов Синдикат – СИНДИКАТ НА ПОЛИЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА – СПМ.