Како дел од годишниот план за работа и активности на Синдикат на полиција во Македонија, на ден 05.02.2025 година е остварен работен состанок со Министерот за внатрешни работи на кој присуствуваше Орце Коцевски претседател на СПМ, Николче Кирковски генерален советник на СПМ и Маја Мазневска претседател на СО за МВР. СПМ на средбата ги изнесе барањата на СПМ, известувањата по информации од состаноци со членството и предлози за решавање на клучни проблеми со кои се соочуваат работниците во МВР.
Најнапред мора да се изрази задоволство од заедничкиот став на СПМ и Министерот Тошковски во однос на враќање на достоинството на полицаецот и заложбите на двете страни за повисоко ниво на професионализам во сите аспекти на работењето и функцијата на МВР. Заклучокот е тоа што овие два аспекти мора да бидат императив во понатамошната работа, како што и самиот Министер нагласи.
Од министерот е потврдено дека финансиски средства за набавка на нови возила и нови униформи, во поглед на нов модел,нови функционални материјали и целосно опремување на секој УПС, се обезбедени и во догледен период ќе бидат набавени , бидејќи тендерската постапка е се уште во тек. Во тој контекст, СПМ даде предлог-верзија за новиот модел на униформа кој беше прифатен од Министерот за анализа.Исто така , потврдено е дека се обезбедени средства за опремување на полицајците со боди-камери, што севкупно ќе го подигне професионализмот во работата, но и одоговорноста, на повисоко ниво, со што ние како синдикат се согласуваме затоа што овие заложби се дел од програмата и барањата на СПМ од самите почетоци.
За најболната точка за полицаецот во МВР-платата, Министерот потврди дека во периодот од месец Март се очекува зголемување на платата за 10% до 12%, во согласност со можностите во буџетот на МВР. Од наша страна, во таа насока, се понудени неколку предлог-решенија МВР да обезбеди повеќе средства за дополнително зголемување кои Министерот прифати да ги разгледа и соодветните служби во МВР да ги анализираат. Потврден е и новиот начин на пресметка на платите во МВР, кој е предложен во измените и дополнувањата на ЗВР кои ќе бидат дефинирани со изгласувањето на законот и ќе важат од месец Март наредната година.
Потврден е заедничкиот став на СПМ и Министерот во однос на боледувањата, односно злоупотребата на боледувањата, проблем кој се провлекува веќе подолго време. Донесени се заеднички заклучоци во однос на решавањето и изразена е подршката на СПМ во однос на заштита на правото на боледување но и сите обврски кои произлегуваат од тоа, како и можните последици кои се наметнуваат од таквата злоупотреба. СПМ го образложи и стои на истиот став дека не смее да се дозволи поединци да влијаат на сите вработени од било какви причини, со што и во иднина ќе се залага за заштита на работникот, дури и во вакви случаи. И во овој случај, СПМ излезе со свои писмени предлози за возможни решенија кои беа прифатени од Министерот за понатамошно разгледување.
Во текот на состанокот се изложени и неколку барања во однос на проблеми со кои се соочуваат работниците во МВР:
– Вишокот на прекувремени часови да се остварува со слободни денови исклучиво по барање на работникот,
– Да се обезбеди превоз за работниците за присуство на дисциплински постапки и постапки за материјална одговорност и увид во кдоказниот материјал,
– Да се анализира и во најкус можен рок, да се запре злоупотребата со прекувремените часови во СВР и и останатите организациски единици од страна на раководните кадри со привилегирање на вработени и да се престане во “трката” за бонус платата,
– Да се изврши контрола на начинот на вршење на контрола и надзор во работењето од страна на неовластени работници,
– Беше дадена безрезервна поддршка за барањето и укинувањето на храна на сите вработени во Кабинетите , со последните измени од КД на МВР, што е за пофалба,
– Доставено барање за исплата на заостанати награди во врска со зајакнатите активности за примање и издавање на лични документи, претходно одобрено од Министерот,
– Исплатата на бонус платата да биде исплатена во законскиот рок,
– Разгледување на барањето на СПМ за десет плати опремнина при одење во пензија наместо досегашните пет,
– Доделување на плакета и признание на сите бранители во 2001 година,
– Потреба за обука на сите вработени во МВР…..
Од страна на СПМ е поднесено барање наши претставници да земат учество во идните стратешки процеси во МВР. Донесен е заклучок дека таквите барања се прифатени и потврдено е присуството на претставниците на СПМ во тие процеси.
За еден од клучните проблеми во МВР- набавките и услугите, СПМ пред Министерот изнесе неколку издржани предлог-решенија кои радикално би ја промениле целокупната состојба и од кои ќе произлезат и придобивки, како за МВР, така и во однос на уште повисоко ниво на професионализам и со кои сметаме дека ќе се постигне објективна доверба и од јавноста и од вработените.
Како краен заклучок изразуваме подршка на најавената ригорозност и бескрупулозна борба против негативните и криминалните појави во МВР која ја најави Министерот на овој состанок, ги подржуваме во целост неговите напори и заложби за враќање на достоинството и професионализмот во МВР што воедно е и основа на функцијата на СПМ, но исто така изразивме став во кој најавивме дека цврсто стоиме на страната на работникот и дека и во иднина, како и досега, приоритет на СПМ се правата и подобрувањето на економско-социјалниот статус на работниците во МВР.

