ОТЧЕТ 2020-2025 ГОДИНА![]()
Почитувани членови на Синдикат на полиција во Македонија – СПМ,
Синдикатите на сите нивоа во Република Македонија и нивните залагања, функција и работа, никогаш во периодот до 2020 година не беа во понезавидна и позагрозена состојба отколку во претходните неколку години. Таа ситуација се должеше на многу наталожени и нерешени проблеми во однос на првенствено, законско дефинирање на тематиката, а потоа на длабоката исполитизираност на системот и системските апарати. Беше заборавена основната задача и функција на синдикатот, а тоа беа правата на работниците и нивното спроведување и подобрување. Тогаш сведочевме на постоење на про-форма здруженија кои се криеја позади називот „Синдикат“ и тоа го користеа за се само не за оние кои ги претставуваа, работниците во МВР.
Од овие основни причини, во 2020-та година некаде во месец Март 2020 година, Јас заедно со Генералниот секретар на СПМ Никола Кирковски започнавме тогаш една „невозможна“ мисија, а тоа е формирање на трет синдикат во рамките на МВР, Синдикат на Полиција во Македонија- СПМ. Синдикатот го правевме во време на корона во време кога ретко кој и се нафаќаше да се потпише на документацијата за регистрација за конечно на 13 Мај 2020 година е формиран Синдикат на полиција во Македонија – СПМ. Од самото формирање СПМ наиде на екстремен отпор од работодавецот со кој во тековната работа требаше да создаде социјален дијалог за регулирање и подобрување на правата на вработените во МВР. Со таквиот отпор и обидите да се анулира работата на нашиот синдикат од страна на одредени групации, уште од самите почетоци беше јасно дека нашите напори ќе бидат удвоени за да се постигне и најмал прогрес на било кое поле. Но тоа не не спречи да заземеме став со кој јасно ставивме до знаење дека ќе продолжиме со вистинска синдикална активност насочена кон заштита на постоечките и унапредување на таквите права кои ги имаат вработените во МВР. Во таа насока можеме веднаш да се пофалиме дека само неколку месеци од нашето постоење, влеговме во сојуз со најголемата Конфедерација во Македонија – КСС и тука јавно на Претседателот Благоја Ралповски му благодарам за тоа и тука само можам да кажам дека во периодот 2022, 2023 година СПМ даде активно учество на протести организирани од КСС при кои СПМ, покрај другите барања имаше и има едно константно барање кое сеуште е актуелно и денес – зголемување на платите во МВР и 1 евро – 1 бод!!!
Познато е дека уличните протести од секогаш се сметале за нај радикален израз на незадоволство, но со оглед на игнорантската игра на МВР тогаш кон синдикатот и работниците, тие протести беа неопходни.
Покрај протестите, од страна на претседателот на СПМ со потполна поддршка од раководството објавени се неколку прес конференции и интервјуа, кои се однесуваа на состојбата со платите во МВР, незаконското работење на ОВККИПС и правната служба во МВР, незаконското распоредување и малтретирање на синдикалните претставници на СПМ, критики за работата на Министерот за внатрешни работи и обидите за спречување и згаснување на работата на овој синдикат. Особена важност и приоритет при ваквите настапи беше дадена на подигнување на свеста и известување на работниците во насока на толкување и објаснување на „Бруто и Нето“ платата, минималната односно основната плата во МВР, бидејќи до моментот кога СПМ започна со својата дејност, работникот во МВР беше ставен во заден план, не беше известен и запознат со своите права, а тоа одеше и тоа како во прилог на дотогашните синдикати кои правеа се што сакаа, само не во корист на работникот. Резултат на таквото запоставување и самоволие беа реакциите за најштетниот Колективен договор на МВР од Јули 2021-ва година, потпишан од Министерот и МПС кој се состоеше од многу измени, но скоро ниту една или некоја во корист на работникот. За таа цел СПМ неколку пати жестоко преку соопшенија и пресови го напаѓаше и критикуваше овој штетен Колективен договор.
Затоа само врз основа на неколку поднесени иницијативи на СПМ до Уставниот суд, Колективниот договор претрпи неколку пати измени во корист на работникот и на останатите синдикати.
Од тие причини СПМ беше обврзан кон своето членство, а и кон останатите вработени да изготвува серии на писмени реакции и писмени акти, објави на социјалните мрежи и акти до конкретни институции како Државен инспекторат за труд, Комисијата за одлучување во втор степен, Народен правобранител, Уставен суд, Владата, Премиерот, па и до одредени странски амбасади, претставници на странски мисии итн. Во тој контекст можеме да набројуваме многу, но ќе издвоиме некои од поголемо значење за работниците како што се „Вистината за МВР“, „Вистината за распоредувањата, Вистината за дисциплинските постапки во МВР, Штетата по основ на извршни судски решенија“, „Прекинот на писмените наредби повеќе од 30 дена“, „Известување и појаснување за висината на бодот во МВР и важноста на бодот во однос на платите“, „Лажното усогласување на платите со минималната“, „Заштитната опрема со изминат рок која ја користат припадниците на МВР“, „Манипулациите на министерот и МПС во однос на основната плата во МВР“, „Вистината за платата во МВР“, „Основната плата пониска од минималната плата во републиката“, „БЗР- што беше тоа“ итн.
СПМ не заостана и во учеството при измените на ЗВР кои беа предложени пред парламентот во 2023 и 2025 година. Беа изготвени акти со образложенија и мислења во однос на потребни и непотребни измени, штетите кои ќе бидат предизвикани од тие измени, предлог мислења за нови дополнувања и измени на веќе предложените и таквите акти беа испратени до неколку пратенички групи, МВР и Владата. Иако нашите предлози и мислења во голем дел не беа прифатени, тоа не делуваше обесхрабрувачки за нас, туку напротив, ни даде уште поголема мотивација да ја зголемиме активноста во таа насока, додека мал дел но сепак значајни од барањата беа уклопени во новиот ЗВР.
Покрај овие активности, мора да се напомене дека претставниците на СПМ настапија на преку стотина расправи на дисциплински комисии и одделенија во одбрана на работниците. Како резултат на тие настапи може да се каже дека веќе е постигната промена па и отфрлување на повеќе незаконски и недозволени пракси од страна на комисиите и одделенијата, иницијаторите и предлагачите на тие постапки. Овој Синдикат успеа да прикаже и задржи правен морал и етика при изведувањето на одбраната на работниците, формирајќи ја на правна основа, законски одредби во зависност од постапката и притоа да го избегне оној стар шаблон во дотогашната синдикална пракса да се моли комисијата да се смилува над работникот! При таквото делување, за пофалба е нашиот допринос да се поништат неколку решенија за отказ потпишани од Министерот и работникот да се врати на работа со надокнада на сите бенефити кои беа одземени со тие решенија. Секако тука критиката за незаконското работење на работници од ОВККИПС не изостана за целиот период.
Заради таквото транспарентно делување и работа, по 16-ти Ноември 2022 година кога е одржана прес конференција на која е објавена пресудата од ОС Скопје за членарината, започнат е еклатантен пример на удар врз Синдикат и синдикална функција кој резултираше со поднесување на неоснована, измислена и тенденциозна Кривична пријава против Претседателот и Генералниот секретар на СПМ на 22.02.2023-та година. Се уште е нејасно како од претставка до ОВККИПС од страна на поранешниот и разрешен член на СПМ, целиот случај премина во надлежност на ОЕК и ОЈО, но јасно е дека со тоа нечии аспирации да го уништи СПМ јавно навидум беа „остварени“.
Но, најодговорно тврдам дека тоа беа само аспирации и наводите во поднесената пријава беа секако неточни и лажни со намера за штета и згаснување на СПМ за што тогаш беше изготвен и објавен демант на истата дата. Во досегашните постапки тоа веќе го докажавме и пред МВР и пред ОЈО и покрај малтретирањето на нашите членови и претставници кои беа предмет на заплашување, наведување, закани, од страна на службени лица, против кои, патем речено, веќе беа поднесени соодветни акти за погоре наведеното незаконско постапување, но коночно во месец Октомври оваа година се отфрлени сите обвиненија од страна на надлежниот суд.
Ако ја сумираме работата на СПМ за овој пет годишен период тоа би било организација на 6 протести, земено учество на поддршка на неколку протести, десетици прес конференции, десетици интервјуа, преку 300-та реакции во јавност за разни теми и проблеми во МВР, преку 1.250 писмени акти до разни институции во државата, учество во неколку работилници организирани од КСС, формирање и учество во комисијата за БЗР при КСС, Комисиите за млади и жени при КСС, прифатени и презентирани писмени акти пред собранието и владата и како многу важно постигнување за краткиот временски период на постоење на СПМ, меѓународното признание на синдикатот, во 2022 година во Златибор Србија, потпишан меморандум за соработка со Синдикатот на Српската полиција и Синдикатот на полиција во Словенија. Во месец Мај оваа година во Охрид СПМ, потпиша меморандум за соработка со Независниот синдикат на полицијата во Црна Гора. СПМ учествуваше во 2023 и 2024 година со подршка на „Soludarity center“ на меѓународни обуки и семинари во Македонија, Србија, Бугарија, Грузија и Киргистан а со тоа СПМ не само што доби меѓународно признание како Синдикат, туку доби и стратешки партнери од големо значење за понатамошниот развој и унапредување на овој синдикат. Тоа што како синдикат успеавме храната за работа во ноќе која предизвика стотици тужби, да го решиме со донесување на Правилник за храна каде работниците кои работат ноќе им следува паричен износ, тоа е придобивка која никој не може да ја оспори.
Сепак борбата и победа а со тоа докажување на незаконското постапување на Министерството е добивањето на неколку позитивни одговори од надворешните институции а тоа е потпишување на договорот за синдикална членарина на СПМ која МВР незаконски ја укина во 2020 година а како круна на сето тоа е позитивната пресуда 2024 година.
Особено она што СПМ како синдикат треба да биде горд а тоа е дека после неколку годишна борба низ институциите, конечно е признаено барањето на СПМ а тоа е основната плата на работник во министерството конечно да биде повисока од минималната плата и успеано е тоа со тоа што во новиот Закон за внатрешни работи кој стапува на сила од месец Март 2026 година таа децениска неправда кон работникот е веќе конечно исправена.
Во 2026-та година СПМ продолжува со несмалено темпо на работа во остварување на подобри права за работниците во МВР, поддршка на гранските синдикати членки на КСС во духот на основното мото на синдикатот,
ВРАЌАЊЕ НА ПРОФЕСИОНАЛИЗМОТ ВО МВР И ЗА ДОСТОИНСТВЕН ЖИВОТ НА ПОЛИЦАЕЦОТ!!!
Претседател на Синдикат на Полиција во Македонија – СПМ Орце Коцевски
Konfederacija na slobodni sindikati na Makedonija KSS

