Нека ни е честит 23-ти Октомври, Денот на Македонската револуционерна борба

Пред точно 131 година беше поставен темелот на Македонската организирана борба за слобода и сопствена татковина. Оваа искра речиси цел еден век ја распламтуваше борбата на народот во Македонија од Илинденската епопеја, преку НОБ и АСНОМ, до 8-ми Септември. Идејата на Македонската револуционерна организација го разбуди и го одржуваше стремежот за слободна и независна татковина Македонија.

Организацијата беше сенародно движење кое ги мобилизираше Македонците, но и сиот народ во Македонија до остварувањето на најправедната и вековна цел, слободна и независна македонска држава.

За овој идеал илјадници синови и ќерки на Македонија ги положија своите животи. Нивниот сон денес е остварен, но идејата и аманетот на Организацијата го носиме се уште во нас.

Како што Организацијата ги обедини сите под бајракот на слободата така и денес треба да останеме сплотени, да останеме решителни и одлучни да го чуваме делото на Татарчев, Груев, Поп Арсов, Хаџи-Николов, Димитров, Батанџиев, но и на плејадата знајни и незнајни херои од борбата за слободна Македонија.

Таа борба и денес е исто жива и силна како пред 131 година. Таа борба денес е борба за напредок, благосостојба, нови работни места, повисок стандард, подобро здравство, современо земјоделство, модерно образование и подобра иднина.

Нека ни е честит 23-ти Октомври, Денот на Македонската револуционерна борба. Нека е вечна идејата на Македонската Револуционерна Организација.

Нека е ВЕЧНА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 🇲🇰🇲🇰🇲🇰