Барање за утврдување на вредноста на бод во полицијата, 1 ЕВРО – 1 БОД да стане стварност

Барање за утврдување на вредноста на бод во полицијата, 1 ЕВРО – 1 БОД да стане стварност‼️

Со оглед на последните случувања и во исчекување на стапувањето на сила на новиот Закон за внатрешни работи – ЗВР и Закон за полиција – ЗП, незадоволни од досегашниот статус на вработените во МВР, како Синдикат на полиција во Македонија – СПМ, доставуваме барање за утврдување на вредноста на бод во полицијата.

Имено, ова наше барање е базирано најнапред на фактот за вредноста на бодот во јавната администрација е скоро три пати поголем од тој во Полицијата. Земајќи ја сегашната вредност на бодот во МВР од 35.4 денари, а притоа споредувајќи ја тежината, комплексноста и опасноста на работите и работните задачи во МВР со останатите, доаѓаме до несомнен заклучок дека работникот во МВР не само што не е доволно платен, туку е и во секоја смисла на зборот потценет и маргинализиран. Да не речеме, дискриминиран на највисоко ниво. Мораме да нагласиме дека досегашната многу ниска вредност на бодот, а со самото тоа и на незаконска исплата на основна плата пониска од со закон утврдениот минимум во МВР, ја препишуваме на претходните министри за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат кои единствено имаа законско право, но и обврска, да ја одредат висината на вредноста на бодот, а со тоа и висината на основната/ минималната плата во МВР.

Ова е основната причина заради која, врз основа на чл.123 од новодонесениот ЗВР, каде стои дека “Владата ја утврдува висината на вредноста на бодот во МВР, на предлог на Министерот за внатрешни работи”, однесувајќи се на вредноста на бодот за пресметка на основната плата на вработените во МВР, бараме од Вас, да донесете одлука со која ќе предложите висината на вредноста на бодот во МВР ќе се утврди на 62 денари, односно еквивалент на нашето популарно барање 1 евро – 1 бод.

За крај, мора да предупредиме и нагласиме дека доколку не се подигне вредноста на бодот на едно навистина завидно ниво, како што предложивме, не само што стравуваме туку и тврдиме дека првиот проблем со кој оваа држава ќе се соочи е одлевањето на полициски службеници со самоиницијативни откази од работа. Досегашното искуство со незадоволството од економско-социјалниот статус на полицајците резултираше со стотици напуштања на службата, па и на државата. Ваквите активности со кои ќе се доведе повторно до несигурност, наместо стабилна база за живот, ќе имаат катастрофален ефект. Исто така, доколку ова Министерство и Влада не стават акцент на спроведување на ова наше барање во целост, ќе се доведе во прашање и целисходноста на отварањето на Средното полициско училиште – СПУ, бидејќи без финансиски стимул, нема да има ни доволно кандидати. А ако тоа се случи, што и предвидуваме дека ќе се случи затоа што никој не сака да вложи години во едукација и живот без плата, за да се оправда постоењето на СПУ, ќе мора да се намалат, спуштат стандардите за прием, а со тоа драстично ќе се намали квалитетот на идните генерации на полициски службеници, што по наше мислење, не смее да си го дозволи нити една влада.

Бараме до Министерот сериозно да го разгледа ова наше барање бидејќи само на овој начин ќе може да се компензира за досегашната неправда која се нанесуваше на вработените во МВР, ќе се придонесе за подигнување на моралот за работа и желбата за припадност во МВР, но и ќе се анулираат последните апсолутно нестабилни и неоправдани измени на законите во МВР.

Конечно,

БАРАМЕ ОД МЕСЕЦ ЈУЛИ 2026 ГОДИНА ВРЕДНОСТА НА БОДОТ ВО МВР ДА ИЗНЕСУВА 62 ДЕНАРИ, ОДНОСНО 1 БОД – 1 ЕВРО ВО МВР‼️

Воедно стоиме и веруваме на фактот дека во новиот Колективен договор на МВР ќе се воведе за секое работно место и „Додаток на плата за сложеност на работите на работното место“ согласно членот 125 став 3 алинеа 2 од ЗВР‼️

Се е во рацете сега на “единствените”‼️

#враќањенапрофесионализмотвополицијата

#новатаеранапрофесионализмот